Новата српска влада ќе ужива поддршка на над 140 пратеници во 240-члениот Парламент на Србија, соопшти денеска мандатарот за состав на новиот владин кабинет Ивица Дачиќ.
Дачиќ изјави дека очекува деновиве да бидат усвоени измените на Законот за владата, со кои ќе се редуцира бројот на министерствата, по што би бил избран и новиот владин кабинет.
Се очекува новата влада да биде избрана најдоцна до 27 јули, кога Дачиќ треба да отпатува во Брисел на средба со лидерите на ЕУ.
Иако досега најавуваше дека неговата влада ќе има 15 министри, Дачиќ денеска изјави дека бројот на министерствата најверојатно ќе мора да се зголеми во однос на првично планираните, одбивајќи притоа да ги коментира информациите што се појавуваат во српските медиуми околу конкретните кадровски решенија.
Според овие информации, контроверзниот лидер на Нова Србија и поранешен министер за капитални инвестиции Велимир Илиќ ќе раководи со Министертсвото за градежништво и урбанизам, додека досегашниот министер за инфраструктура и енергетика, социјалистот Милутин Мркоњиќ во идната влада ќе раководи со ресорот транспорт.
„Блиц“ тврди дека во игра за иден шеф на српска дипломатија се поранешниот српски амбасадор во Ватикан и во Турција, Дарко Танаскович, актуелниот шеф на Мисијата на Србија при ЕУ, Роксанда Нинчиќ и советникот на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ за време на преговорите со Приштина во Виена, Леон Коен.
Според тврдењето на „Данас“, пак, лидерот на Социјалдемократската партија на Србија (СДПС), Расим Љајиќ ќе биде вице-премиер и министер за трговија, телекомуникации и информатичко општество, а првиот човек на Партијата за демократска акција на Санџак (СДАС), Сулејман Угљанин ќе биде министер без ресор.
На мајските избори СДПС на Љајиќ беше дел од коалицијата на Демократската партија (ДС) на Тадиќ, која во идниот парламентарен состав ќе биде најголема опозициска партија. СДПС има девет пратеници во српското Собрание.