Премиерот на Србија Ивица Дачиќ изјави денеска во Даблин дека на неговата држава не и се заканува укинување на безвизниот режим и оти учесниците во неформалниот самит на министри за внатрешни работи и за правда во ЕУ во Ирска, позитивно ги оцениле напорите на Србија во борбата против лажните азиланти.
– Важно е да се каже во овој момент дека нема опасност од укинување на безвизниот режим, односно визната либерализација за граѓаните на Србија, изјави Дачиќ во Даблин каде е одржан самитот.
Тој додаде дека таму разговарал и со комесарот на ЕУ за внатрешни работи Сесилија Малстром и комесарот на ЕУ за правда, Вивиен Рединг.
– Позитивно се оценети напорите на Србија кога станува збор за борбата против илегалните имигранти и лажните азиланти и тоа дека во голем број држави е намален нивниот број, додаде Дачиќ.
Според него, Србија успеала тој проблем да го реши кога станува збор за Швајцарија, Белгија, Луксембург и Шведска каде бројот на лажни азиланти е далеку помал отколку што беше пред две години и дека е намален за повеќе од двојно.
– Останува само проблемот со Германија и мислам дека по промените во законодавството кое постои таму и тој проблем наскоро ќе биде решен на најпозитивен начи, потенцираше Дачиќ.