Црвен степен на тревога е прогласен во Грција по вчерашното пукање врз канцелариите на владеачката Нова демократија, а полицијата зборува за „будење“ на тероризмот и за очекувани нови вооружени напади, пишува весникот „Имерисија“.
Истрагата додје до првичен заклучок дека станува збор за добро организиран напад и дека тоа не се „бомбаши“ со популарните рачно изработени експлизивни направи, туку „дрски терористи“ со тешко вооружување, кои дале сигнал дека можат да ја погодат секоја цел.
Грчките антитерористи се убедени дека оружјето во вчерашното пукање, автоматот „Калашњиков“ и пиштолот „Магнум“, не биле употребени во други терористички или криминални акции.
Полицијата во Грција работи врз неколку верзии на случајот. Првата е дека е можно да се појавила нова ќелија на терористичката организација „Заговор на јадрата на огнот“, што е посовремена и поопасна, а која за цел си поставила да упати предупредување кон полицијата за неодамнешните апсења на двајца студенти.
Можно е, исто така, Никос Мазиотис, кој е сметан за шеф на групата „Револуционерна борба“, повторно да е активиран. Полицијата потсетува дека Мазиотис, заедно со Пола Рупа, исчезнаа минатиот јули уште пред да се заврши судскиот процес против нив. Оттогаш полицијата ги бара, а за прв пат тие се појавиле на почетокот на декември 2012 година на интернет сајт. Не е исклучено дека Мазиотис создал нова група, која го преземала вчерашниот напад.
Се забележува дека автомати „Калашњиков“ биле најдени во споменатите две терористички организации.
Властите го истражуваат и евентуалното активирање на групата „Секта на револуционерите“, која се сокри по убиството на новинарот Сократис Голиас, во 2010 година. Истата организација поседувала три автомата „Калашњиков“.
Четвртата верзија на полицијата не го исклучува и учеството во овој терористички акт на организацијата ОПЛА (оружје), чие дело беше нападот врз полициската станица во Атина во октомври 2009 година, бидејќи имаше многу слично пукање со вчерашното. Оттогаш, меѓутоа, оваа група не се има појавено.
Грчките антитерористи разгледуваат и други верзии, а една од нив е дека е можно вчера да пукале криминалци, како и веројатноста дека се појавила некаква нова организација.
Само за потсетување, пред неколку месеци организацијата „Антифашистички фронт – неформална анархистичка федерација“ (ФАИ) направи обид да ги крене во воздух канцелариите на крајнодесничарската парламентарна партија „Златна зора“ во Атина.
Политичките партии во Грција го осудија инцидентот, но се скараа во парламентот за тоа чија може да е вината за зачестените изблици на насилство во земјата.