Претставниците на Демократскиот фронт, Коалицијата Клуч, Демократите и Социјалдемократската партија се договорија, и покрај тоа што не ги признаваат изборните резултати, да не го бојкотираат конституирањето на парламентот, објави „Побједа“, повикувајќи се на повеќе опозициски извори.
„На состанокот одржан во четвртокот навечер во зградата на парламентот, договорено е и формално да се упати повик до малцинствата за формирање малцинска влада – што фактички значи дека нема да има опструкција при конститурањето на законодавната власт “, пишува Побједа.
Самиот повик на формирање извршна власт подразбира и почитување на освоените мандати на изборите од 16 октомври, па јавното оспорување на резултатите претставува само некој вид политички гест, пренесува Танјуг.
Дека опозицијата се откажува од активен бојкот и опструкција на постизборниот процес потврди и заменикот претседател на Нова српска демократија Славен Радуновиќ.
– Јасно ни е дека доколку тврдоглаво инсистираме на тоа да не дозволиме формирање ниту на малцинска влада, тоа би значело нови избори. А и доколку успееме да се избориме за нови избори, нив би ги организирала владата на Мило Ѓукановиќ, веројатно на истиот начин. Поради тоа, а со оглед на нашата цел, прво и најважно е во Црна Гора да се детронизира Мило Ѓукановиќ, изјави Радуновиќ.