Црногорската Влада размислува за основање сопствен интернет провајдер, со цел граѓаните да добијат подобар и поевтин интернет, соопшти Агенцијата за електронски комуникации на Црна Гора.
Црногорците плаќаат најскап интернет во регионот и Европа, бидејќи државата пред 10 години, со продажбата на Телекомот на новиот сопственик му обезбеди монополска позиција на пазарот.
Владата пред неколку дена побара од компанијата „Црногорски Телеком“, која е во сопственост на „Дојче Телеком“, да ги намали цените на интернетот просечно за 35 центи.
Директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Зоран Секулиќ изјави дека цените се поскапи во однос на регионот и ЕУ, бидејќи државите имаат повеќе интернет провајдери и можност за купување интернет во странство, потврдувајќи ја намерата на државата да создаде интернет провајдер во своја сопственост.
Намалувањето на цената на интернетот ќе важи од почетокот на декември оваа година и ќе биде на ниво на цените во регионот и земјите од ЕУ.