Црна Гора и официјално ја поднесе кандидатурата на министерот за надворешни работи Игор Лукшиќ за функцијата генерален секретар на ОН.
Кандидатурата е објавена на сајтот на Генералното собрание на ОН, јави ТАСС.
– Црногорската влада е цврсто убедена дека Лукшиќ располага со сите потребни вештини, квалитети, знаења и искуства, како што е предвидено во Резолуцијата на Генералното собрание на ОН 69/230, за да ја извршува успешно функцијата генерален секретар, се вели во писмото со кандидатурата.
Игор Лукшиќ е министер за надворешни работи и европска интеграција на Црна Гора од 2012 година. Пред тоа, во текот на две години беше премиер на земјата, а во периодот 2004-2010 година беше министер за финансии.
Како премиер, тој инсистираше на реформи, кои и овозможија на Црна Гора да почне преговори за пристапување кон Европската унија, како и да стане член на Светската трговска организација. Течно говори англиски, знае италијански, француски и германски. Оженет и има три деца.
Црногорскиот министер за надворешни работи е досега третиот кандидат за функцијата генерален секретар. До моментов негови ривали се хрватската колешка Весна Пусиќ и поранешниот прв дипломат на Македонија Срѓан Керим.