Грчкиот премиер, Алексис Ципрас денеска на вториот ден од посетата на Турција ќе ги посети „Света Софија“ и Теолошката семинарија на Халки, каде ќе има средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј, а потоа ќе се сретне и со претставници на Грците кои живеат во Истанбул.
Медиумите во Грција особено значење придаваат на престојот во Теолошката семинарија на Халки, бидејќи Ципрас ќе биде првиот грчки премиер од 1933 година, што ќе ја посети.
Во 1933 година, Теолошката семинарија на Халки ја посетил тогашниот премиер на Грција, Елефтериос Венизелос, но во рамки на приватна посета.
На првиот ден од посетата, Ципрас вчера во Анкара се сретна со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, со кого разговараше за билатералната соработка и можностите за нејзино продлабочување, за мигрантската криза, кипарското прашање, како и на осумтемина турски војници кои по обидот за пуч во Турција во 2016 година побегнаа во Грција, каде добија азил.