Владата на Косово утре во Брисел нема да прифати никаков договор, кој не е според Уставот, ниту пак извршна власт на заедницата на српските општини на кои што Белград инсистира, пренесува приштинскиот „Коха диторе“.
Приштина никогаш нема да прифати Асоцијацијата да добие законодавна надлежност, да има Апелациски суд ниту пак посебна полициска сила. Заедницата не може да има овластувања кои што припаѓаат на централно ниво-изјави советникот на косовскиот премиер, Беким Чолаку.
Според зборовите на Чолаку, главен принцип според кој ќе се раководи премиерот на Косово, Хашим Тачи е да прифати се што е во согласност со Уставот.
Да се прифати секој договор што е во согласност со Уставот и законите на Косово, а не треба да се прифати ништо што не е – изјави тој.
Чолаку истака дека во рамките на дијалогот Косово-Србија, на состанокот во Брисел, двајцата премиери ќе разговараат со високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Кетрин Ештон.
Тие ќе го разгледаат прашањето за кое разговараа на последните три средби, за формирање на заедница на српските општини на Косово, нејзиното функционирање и задачи.
Елена Георгиевска