Бугарија повеќе не го попречува слободното собирање на македонското малцинство

Од:

Комитетот на министрите на Советот на Европа, задолжен да го следи спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, на последниот состанок одлучи да ги затвори предметите Обединета Македонска Организација Илинден и Иванов бр.2 предмет бр.37586/04 и „Сингартијски и други“ предмет бр. 48284/07 против Бугарија, бидејќи според проценката, Бугарија ги исполнила своите обврски од пресудата и сега дозволува слободно собирање на македонското малцинство.

Сепак останува отворена процедурата за предметот кој се однесува на регистрацијата на политичката партијата на Македонците од Бугарија, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Пресудите на Судот од Стразбур беа донесени на 18 октомври 2011 и станаа дефинитивни на 18 јануари 2015, и се однесуваа на кршењето на правото за слободно собирање на органиациите кои имаа за цел „признавање на македонското малцинство во Бугарија“, односно забраната на нивните собири меѓу 2004 и 2009. Бугарија се правдаше, што не беше прифатено од Европскиот суд за човекови права, дека тоа го повредува националниот суверенитет, територијалниот интегритет и јавниот ред, како и нерегуларноста на статутот на организациите.

Скоро четири години подоцна, Комитетот на Министрите на Советот на Европа, кој го следи спроведувањето на пресудите, констатира дека Бугарија презела индивидуални, но и колективни -законски и мерки на сензибилизација за да се избегнат слични кршења на Европската конвенција за човекови права.

Комитетот притоа, забележа дека постои и позитивна тенденција во однос на почитувањето на слободата на собирање на македонците од Бугарија.

– Во последните шет-шест години, не се набљудувани случаи на прекршување на правото на собирање на Македонците од страна на властите. Немало некои проблеми, затоа оваа одлука на Комитетот на министрите беше очекувана де факто и основана. Фактички за нас е задоволство што успеавме после толку многу долги борби да го постигнеме барем правото на мирни собири да ни биде почитувано во Бугарија. Тоа е еден од поголемите успеси кои што сме ги постигнале. Сега само се надеваме дека затворањето на овој случај во Комитетот на министрите, нема да ги охрабри некои кругови во Бугарија, пак да се вратат во старата практика и да започнат повторно со дискриминација, вели Стојко Стојков претседателот на ОМО Илинден Пирин.

Постојаниот претставник на Република Македонија при Советот на Европа, Петар Поп Арсов ја поздрави одлуката на Комитетот на министри да го затвори надзорот на две пресуди против Бугарија: „Обединета Македонска Организација Илинден и Иванов бр.2“ и „Сингартијски и други“.

– Би сакале да ги поздравиме напорите на Република Бугарија да ги имплементира овие две важни пресуди поврзани со чл.11, особено со правото на мирно собирање на македонското малцинство во Бугарија. Во изминатите три години ова право беше слободно остварено и притоа бугарските власти не се повикаа на аргументот „нарушување на националната безбедност“ како што беше правено на редовна основа во минатото. Изразуваме надеж дека оваа политика ќе има траен ефект и дека во иднина нема повторно да бидат поднесени жалби пред Судот поврзани со правото на собирање, рече тој.

Република Македонија изразува надеж дека овој развој ќе има позитивно влијание и врз добро познатата група на случаи „Обединета Македонска Организација Илинден и други“ која е поврзана со правото на здружување.

– Би сакале да потсетиме дека овој случај детално беше разгледан во декември 2014, при што Комитетот на министри донесе одлука да го префрли во зајакнат надзор. Ги охрабруваме бугарските власти да ги обноват напорите за имплементација на овие пресуди и конечно да дозволи ОМО Илинден да биде регистриран. Го повикуваме Одделот за извршување на пресудите да им помогне на бугарските власти да ја достигнат оваа значајна цел, завршува македонскиот амбасадор во изјавата за МИА.

Би можело да ве интересира

ОМО Илинден Пирин: Бугарската полиција истрагата за искршениот клуб нека ја почне од Виктор Стојанов

Катерина Ѓуровски

Советот на Европа и понатаму го следи извршувањето на пресудата за предметот ОМО Илинден против Бугарија

Наум Локоски

Реакција на ОМО „Илинден“-ПИРИН за средбата Заев-Борисов во Софија

Ана Ололовска

Комитетот на министрите на СЕ и натаму ќе следи дали ОМО Илинден ќе биде регистрирано во Бугарија

Наум Локоски