Борел: Иднината на Западен Балкан е јасна, во рамките на ЕУ

Од:

Високиот претставник на Европската унија, Жозеп Борел, истакна дека иднината на Западен Балкан е „јасна, во рамките на ЕУ“.

Во блог насловен „Време е да се оди напред во интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ“ по повод минатонеделните посети на Северна Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина, Борел истакна дека лидерите јасно ја осудија руската инвазија на Украина и се приклучија на санкциите на ЕУ против Русија.

„Ние сме обединети во нашите напори да ја запреме војната и да му помогнеме на украинскиот народ. Цврсто ја нагласив посветеноста на ЕУ за понатамошна поддршка на Западен Балкан и напредување во иднината на регионот во Европската унија“, напиша Борел.

Тој истакна дека и пред војната во Украина, која враќа „живи спомени“ од војните за време на распадот на поранешна Југославија во 1990-тите и 2000-тите, констатирано е загрижувачко враќање на тензиите во регионот, особено во БиХ и меѓу Србија и Косово.

Борел ги повика сите земји во регионот да продолжат со блиската соработка со ЕУ за „Западен Балкан да биде мирен, стабилен и цврсто да оди на патот кон ЕУ“.

„Видовме надворешно мешање кое се обидува да ги дестабилизира нашите соседи и да ја ослабне Европската унија, особено преку подмолните и добро документирани кампањи за дезинформација на Русија“, рече тој.

Борел изјави дека „бруталниот напад“ на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина ги принудува сите земји да направат избор.

„Изборот е помеѓу владеењето на правото и владеењето на оружјето, помеѓу поредокот заснован на правила и светот на гола агресија. Ние сме обединети со земјите што ги посетив во обид да ја запреме војната без преседан во Украина. Мораме да продолжиме цврсто да соработуваме заедно на патот кон ЕУ“, нагласи Борел.

Тој посочи дека се искористени тешкотиите поврзани со пандемијата Ковид-19 низ Европа, но дека тие кампањи значително се зголемиле од почетокот на војната во Украина. Исто така, стравувањата во Западен Балкан од поскапување на енергијата и храната како резултат на војната во Украина се многу силни, имајќи предвид дека овие земји се многу посиромашни од земјите членки на ЕУ и тоа беше истакнато за време на неговите разговори во регионот.

Борел наведе дека практичната помош за регионот и јасниот напредок кон интеграцијата во ЕУ се клучни за одржување на регионот цврсто да оди на патот кон ЕУ.

Тој дополни дека им повторил на лидерите на Северна Македонија и Албанија дека двете земји ги исполниле сите обврски за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

„Политичката ситуација во БиХ стана многу загрижувачка во последните месеци“, напиша Борел. Тој посочи дека се сретнал со војниците кои служат во европската воена операција во земјата, операцијата на ЕУФОР Алтеа. Во обид да ја нагласи својата решеност и посветеност да ја заштити стабилноста на БиХ и пошироко, ЕУ неодамна одлучи да го удвои бројот на силите на ЕУ во земјата.

„Навистина сме посветени да ги браниме нашите вредности од надворешни закани и да ја одржуваме стабилноста во нашето непосредно соседство“, напиша Борел.

Тој рече дека на сите избрани лидери во БиХ им нагласил дека ЕУ сака БиХ повторно да оди напред на европскиот пат.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Трамп размислува да го именува Ричард Гренел за специјален пратеник за руско-украинскиот конфликт

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

Вархеј: Првите исплати на средства од Планот за раст ги очекуваме во текот на овој месец

Премиерот Мицкоски присуствуваше на работен ручек со Фон дер Лајен и колегите од Западен Балкан

ЕУ одобри 1,2 милијарди евра за инфраструктура во Западен Балкан

Кој ќе добие над 50.000 евра мора да е јавно објавен – Одобрени шест милијарди евра за Западен Балкан

Анита Петровска Рајковиќ