БиХ меѓу Западот, Путин и Ердоган

Од:

Дојче веле – Бон

Секогаш прво на примерот на Босна и Херцеговина се гледа кога на Балканот е криза, пишува во опширна анализа долгогодишниот дописник на берлинскиот весник Тагесцајтунг од Сараево Ерих Ратфелдер.

„Пред неколку недели повторно беше тема на разговор војната во Босна и Херцеговина. Состојбата во меѓувреме се смири, но тамошната состојба е пример колку состојбата на јужните граници на Европа се уште е тензична. Босна и Херцеговина, која во последните 100 години три пати беше главен регион на убивања, се уште е сеизмограф за развојот на состојбите на тоа подрачје” – наведува Тагесцајтунг.

„Секогаш прво на примерот на БиХ се гледа кога на Балканот има криза, а кризите во тој регион беа поврзани со конфликтите на големите сили. На преломната точка во Сараево и денес најдобро се покажуваат интересите на меѓународните актери. Тука не се огледуваат само спротивностите на соседните земји Србија и Хрватска, туку и на ЕУ, Русија, САД, но и на исламските сили – Турција, а во поново време и заливските земји, како Саудиска Арабија” – пишува авторот, а пренесе Дојче Веле.

„Со мешањето од страна, зголемени се конфликтите меѓу трите табори во БиХ. Сега тоа е дури и многу полесно од порано, со оглед на обидот за уништување на мултинационалното и мултирелигиозното општество во војната во 90-тите години од минатиот век, по која следеше административна поделба на земјата на срспки дел на републиката и босанско-хрватската федерација. Српскиот национализам е роден далеку во минатото. Од 19 век има тенденција за создавање на на т.н. Голема Србија. Слично важи и за Хрватите. Националностите од двата табора и денес на Босна и Херцеговина и го негираат правото на постоење и сакаат да завладејат со земјата или да ја поделат меѓу себе. Само Босанците, муслиманите и еден дел од левичарските, ненационалистички струи и денес цврсто се држат до идејата за мултинационална држава” – тврди авторот.

Меѓутоа, смета тој, меѓународните сили со Дејтонскиот договор го гарантираа постоењето на Босна и Херцеговина, а договорот денес се доведува во прашање.

„Вистина, ЕУ во Солун во 2003 година вети на сите земји на Балканот дека во долгорочен период ќе можат да се приклучат на Унијата, ако се развиваат демократски како правни држави и тоа на населението влеја голема надеж. Права држава и демократија би го стабилизирале регионот и со тоа би отвориле пат кон позитивен економски развој. Меѓутоа, со кризата во ЕУ и недостиг на европска визија, сето тоа може да отиде на друга страна. На тоа уште треба да се додаде и дека САД се забавуваат сами со себе” – наведе берлинскиот весник.

Европската унија мора повторно да стане авторитет во Босна и Херцеговина. Во тоа и Германија може да одигра важна улога, оценува во интервјуто за Дојче Веле професорот од Универзитетот во Келн, Тобијас Флесенкемпер.

„Сето тоа доведе до политички вакуум во регионот и појава на нови политички играчи кои се обидуваат на Балканот да ги остварат своите интереси. Откако Владимир Путин го промени курсот во својата европска политика, тој на Балканот се обидува да најде сојузници за да ја спречи политиката на Западот која се однесува на европските интеграции. На Русите им е најважно православното население. Народите во Србија, Бугарија, Македонија, Црна Гора, но и во Грција, традиционално негуваат големи симпатии кон Русија. Русија економски настојува да создаде зависност од нејзиниот гас” – стои во текстот.

„И не само тоа што многу од тие земји зависат од рускиот гас, туку во Србија и Република Српска нафтената индустрија е во руски раце, а руските банки се обидуваат да ги купат и западните и домашните банки. Но, на Путин сепак тука најважно му е политичкото влијание. Понатамошната интеграција на регионот во НАТО, Путин смета дека треба да се спречи. Русија ветува на Србија и на српскиот ентитет во БиХ поддршка во Советот за безбедност на Обединетите нации. Референдум за одвојување од тој ентитет од БиХ, што би можело да доведе и до војна, исто така е возможен. Значи, Путин ја разгорува состојбата” – смета авторот.

„Покрај тоа, последните години и Турција стана активна. Претседателот Реџеп Тајип Ердоган вети поддршка на муслиманското население во БиХ, на Санџак, на Косово, во Македонија и Албанија. Во БиХ дури вети и воена поддршка! Неговата визија за обнова на Османлиското царство всушност е религиозно политичка офанзива, на која пак и недостасува економска сила. Но, кога станува збор за влијанието на муслиманското население, Турците добија конкуренција која доаѓа од заливските земји и Саудиска Арабија. Емиратите инвестираат милијарди во огромни туристички проекти во Сараевскиот кантон, а многу Арапи, како приватни лица, купуваат обработлива земја дури и во Хрватска и во Србија” – се вели во текстот.

Авторот смета дека е значајно и тоа што Арапите се обидуваат своето фундаменталистичко толкување за исламот да го наметнат пред се во Босна и Херцеговина, која традиционално негува толерантен и отворен ислам и која политички е за заеднички соживот на сите религиски и национални групи.

„Така Турците и Арапите, со помош на пари, остварија влијание на Партијата на демократската акција СДА, која до сега се залагаше за мултиетничка БиХ. Турција и Емиратите со својата религиозно обоена политика бараат одвојување на Босанците од другите народи, значи поделба на БиХ на три етнонационалистички и религиозни нивоа. Тие така ја подгреваат состојбата во регионот и даваат легитимитет на руската политика. А Западот? Европа мора да ја препознае таа опасност, која повторно се создава на Балканот” – заклучува весникот Тагесцајтунг.

Би можело да ве интересира

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

(ВИДЕО) Голема полициска акција на полицијата во Босанска Крупа

Горан Наумовски

Малолетник со нож упаднал во полициска станица во Босанска Крупа: Убил еден полицаец, а друг тешко ранил

Претседателството на БиХ добило дојава за поставена бомба

Горан Наумовски

Нова семејна трагедија се случи во БиХ: Со бензин го запалил својот брат, жртвата починала во болница