Лидерот на опозициската Демократска партија(ДП), која ја предводи изборната коалиција „Алијанса за величествена Албанија, Сали Бериша, денеска порача дека „на 11 мај, албанските граѓани се одвојуваат од режимот.
Лидерот на опозициската Демократска партија(ДП), која ја предводи изборната коалиција „Алијанса за величествена Албанија, Сали Бериша, денеска порача дека „на 11 мај, албанските граѓани се одвојуваат од режимот, кој за 10 години ги осиромаши на најстрашен начин“.
Неговата изјава уследи по вчерашната порака на неговиот опонент, лидерот на Социјалистичката партија, Еди Рама, дека „на 11 мај Албанците ќе одат на средба со историјата за да се утврди силата на Албанија во преговарачкиот процес со ЕУ и оти е повеќе од убеден дека ќе го дадат гласот за тоа“.
– На 11 мај, Албанците каде и да се, во Албанија и надвор од неа, ќе се спасат од второто големо зло што ги снајде во изминатите 34 години, како ниеден друг народ во Европа и во светот. Се одвојуваме од режим, кој ги опустоши повеќе од која било друга окупација во нашата историја. Од 2007 до 2014 година, бројот на граѓани во Република Албанија се зголемуваше од година во година, но сега бројот на жителите е сè помал, поради нарко државата, која не води грижа за нив, па ја напуштаат земјата, рече Бериша.
На изборен митинг во градот Бурел, Бериша обвини дека при изградбата на патишта биле украдени милиони јавни пари, правејќи споредба на потрошени средства за изградбата на автопатот Кукс-Тирана, изграден од демократската влада и автопатот „Патот на Арбр“, од Тирана до преминот „Блато“, на албанско–македонската граница кај Дебар, чија изградба чинела 11 милиони евра по километар.
Тој наброи и други инфраструктурни објекти, во кои „функционерите се потонати во корупција“.
И Рама и Бериша очекуваат победа на изборите, што ќе се одржат на 11 мај, едниот е убеден дека ќе го обезбеди четвртиот последователен мандат, другиот дека ќе се врати на власт, што ја изгуби на изборите во 2013 година.
Опозициската изборна коалиција „Алијанса за величествена Албанија“, ја сочинуваат 25 политички партии, меѓу нив и Партијата на слободата на поранешниот претседател на државата, Илир Мета.
Социјалистите на изборите во коалиција се единствено со партијата на Македонците, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, чиј лидер, Васил Стерјовски, е единствен кандидат Македонец на изборите.