Албанскиот премиер Сали Бериша на вчерашниот предизборен митинг во Тирана изрази ветување дека доколку победи на изборите закажани во недела, ќе ја одведе Албанја во ЕУ.
– Заедно ќе станеме најубавата градина во Југоисточна Европа, изјави Бериша пред илјадниците симпатизери, на митингот што означи крај на неговата предизборна кампања.
Претстојните избори се од клучно значење за Албанија, но меѓународната заедница стравува дека резултатите повторно ќе бидат оспорувани, што е случај на речиси сите избори од 1990 година досега.
ЕУ јасно стави до знаење дека Албанија треба да спроведе избори во согласност со европските норми и дека во спротивно нема да добие кандидатски статус.
Конзервативниот премиер Сали Бериша (68) се бори за трет мандат, а негов главен противник е социјалистот Еди Рама (48), кој се залага за борба против сиромаштијата.
Последните парламентарни избори во Албанија се одржани во 2009 година и оттогаш земјата се наоѓа во политичка блокада поради големиот број несогласувања на владејачката десница и социјалистите.