Турското министерство за надворешни работи во четвртокот ги отфрли обвинувањата од Сирија и Русија за загрозување на безбедноста и животите на патниците во патничкиот сириски авион што во средата навечер турските борбени авиони го принудија да слета на аеродромот во Анкара.
Турските борбени авиони од американско производство „F16″ во средата навечер го пресретнаа патничкиот авион „Airbus A320″ на редовната линија Москва – Дамаск со 35 патници од кои 17 руски државјани, поради инспекција на товарот по наводни информации дека превезува оружје за сириската регуларна армија.
„Изразената загриженост за животите и безбедноста на патниците е неоснована. По слетувањето, преземени се сите мерки за да се обезбеди безбедност ана патниците и нивните потреби”, се додава во соопштението на турското министерство за надворешни работи во кои се додава дека патниците можеле да ја причекаат контролата во аеродоромската чекалница, но дека повеќето се решиле да останат во авионот.
Во текот на целата постапка, како што тврди Анкара во соопштението, „во подготвеност биле лекари и амбулантни возила”.
Според турската страна на пилотите им било јавено дека авионот ќе биде прегледан „откако ќе го прелета Срното Море и полукружно ќе се сврти”.
Меѓутоа, либанската телевизија Al Diyar претходно во четвртокот јави дека сириската воена команда примила сигнал од пилотите дека авионот е принуден на слетување откако турските авиони го пресретнале во сирискиот воздушен простор. Анкара демантираше тврдејќи дека пилотите имале строга наредба да не влегуваат во воздушниот простор на Сирија.
Сирискиот министер за сообраќај, Махмуд Саид ја обвини Турција за „воздухопловни пиратство” и за крштење на договорите за цивилното воздухопловство.
Москва, пак, ја обвини Анкара дека со акцијата биле загрозени животите и безбедноста на патниците. Русија, исто така, бара објаснување од Анкара зашто за слетувањето на авионот во кој има државјани на Русија не ја информирал руската амбасада, туку за тоа разбрале од медиумите.
Исто така, Русија соопшти дека на конзуларните претставници на руската амбасада и на лекар не им била дозволена средба со патниците, како и дека тие биле принудени осум часа да чекаат без да бидат пуштени во аеродромската зграда и без храна.
Турските власти објавија дека заплениле дел од товарот од авионот, меѓутоа не откриваат за што станува збор.
Светските агенции повикувајќи се на свои извори во советската воена индустрија пренесоа дека авионот не носел и не можел да носи каков и да е товар кој би можел да се смета и за дел од воена опрема.