Албанскиот премиер Сали Бериша побара од Парламентот да одржи вонредна седница на која би биле донесени трите клучни закони кои ги бара Брисел од земјата, јави дописникот на МИА од Тирана.
Во писмото упатено до Парламентот премиерот бара Парламентот да одржи вонредна седница на 30 мај за да се изгласаат трите закони кои се услов за добивање кандидатски статус од ЕУ, како и законот за фискална амнестија.
„Со ова барање премиерот Бериша бара да и се даде уште една можност на опозицијата пред парламентарните избори, закажани за 23 јуни, да се приклучи кон непоколебливата волја на владачкото мнозинсво за усвојување на законите и деблокирање на патот кон европската интеграција на земјата“, стои во соопштението на владата.
За изгласување на трите закони кои Брисел ги бара од Албанија, потребно е двотретинско мнозинство, кое владејачкото мнозинство не може да го обезбеди. Доколку овој рок кој го бара Бериша не се испочитува, поради изборите, нивното изгласување ќе остане за новиот состав на албанскиот парламент.
Американскиот амбасадор Александар Арвизу упати апел до властите во Тирана, на седница парламентот да ја докомлетира и Централната изборна комисија, која по оставката на четворица членови од партиите во опозициската изборна коалиција, комисијата сега функционира само со тројца членови.