Со денешната пленарна седница заврши черигодишниот мандат на албанскиот законодавен дом, чија работа ја карактеризираа неколку настани кои се случуваат за првпат во плурална Албанија.
Прво, откажувањето на опозицијата од пратеничките мандати во февруари 2019 година. Второ пополнувањето со други пратеници од кандидатски листи на опозицијата, кои се согласија на тоа, но од мај истата година, кога заврши постапката, парламентот кој брои 140 работеше само со 122 пратеника. Третиот, по кој ќе биде запаметен, како настан без преседан, е одлука за разрешување на шефот на државата Илир Мета, изгласана на 9 јуни годинава, со 104 гласови.
За македонската заедница во ова земја забележан беше историски успех. За првпат во собраниската сала се најде и пратеник од Македонска алијанса за европска интеграција, но и народен избраник кој јавно се декларира како Македонец. Васил Стерјовски, кој беше на заедничката кандидатска листа со Движењето за социјалистчка интеграција, во Изборната единица Корча, во парламентот влезе на 16 мај 2019 година, а за првпат во парламентот проговори и на македонски јазик.
Во албанскиот Парламент за првпат седна и пратеник Египќанецот, Ервис Мечо, генерален секретар на партијата на Египќаните, Партија за европеизација и интеграција, кој беше на листата на Демократската партија во ИЕ Валона. И тој е прв пратеник кој јавно се декларира како Египќанец.
Новиот законодавен дом, во кој и едните и другите немаат свој претставник, ќе се конституира на 9 септември.
Од вкупно 140 пратеници, избрани на парламентарните избор одржани на 25 април, на Социјалистичката партија на Еди Рама има 74 пратенички места, изборната коалиција предводена од Демократската партија на Љуљзим Баша, 59, Движењето за социјалистичка интеграција на Моника Круемади, четири и Социјалдемократската партија на Том Доши три пратенички места.