Албанскиот Парламент со мнозинство гласови, вчера попладне ги избра тројцата нови министри во Владата на премиерот Сали Бериша, по оставките на министрите на партијата Движење за социјалистичка интеграција, на Илир Мета и одлуката на партијата да ја напушти владата и да замине во обединетата левица, јави дописникот на МИА од Тирана.
Нов шеф на дипломатијата е Алдо Бумчи, досегашен министер за култура, млади и спорт, на негово место, односно министер за култура млади и спорт е Висар Жити познат албански писател, додека министер за економија е Флорион Мима, актуелен пратеник од демократската партија и поранешен заменик министер за финансии.
Нов министер за здравство е познатиот лекар Халим Косова, во моментот директор на гинеколошката клиника „Кралица Гералдина“ во Тирана.
Нов потпретседател на владата е Муќерем Тафај, кој го задржува министерското место во ресорот образование.
Освен пратениците од владината коалиција, за предлогот на премиерот Бериша, декретиран од претседателот Бујар Нишани, гласаа и двајцата пратеници од опозициската Социјалистичка партија, Аслан Доѓани и Ѓовалин Кадели, кои по потврдувањето на коалицијата со партијата на Мета, сега премина во независни кандидати, потоа Кастриот Исљами, поранешен социјалистички пратеник,кого партијата го исклучу поради неговото несогласување со претходни партиски ставови, сега исто така независен.
Пратеници од Движењето за социјалистичка интеграција апстинираа од гласањето. По изгласувањето на новите министери, премиерот Сали Бериша изјави дека гласањето покажало оти и по заминувањето на партијата на Мета од владејачката коалиција, демократите имаат сили владата да опстане и како што вети да спроведе фер и демкратски избори, на кои народот ќе и го даде третиот мандат.