Судот во Тирана ги ослободи двајцата високо позиционирани полициски службеници во врска со убиството на четворица поддржувачи на опозицијата за време на антивладин протест, од пред две години, соопштија американските медиуми.
Претседателот на судскиот совет, судијата Бесник Хоџа, изјави дека обвинителите не успеале да ги докажат обвиненијата против Ндреа Пренди, командант на елитната Републиканска гарда, и Агим Лупо, висок офицер на гардата.
Третиот полицаец, обвинет за криење на докази во истиот предмет, беше претходно ослободен.
Одлуката на судот беше пречекана со незадоволство од опозицијата и засилена политичка напрегнатост во земјата на фонот на претстојните парламентарни избори, закажани за 23 јуни.
Опозициската Социјалистичка партија денеска го напушти парламентот во знак на протест против одлуката на судот.
Истовремено, синот на една од жртвите изјави дека роднините на убиените треба прашањето да го земат во свои раце, следејќи ја историската традиција на крвна одмазда (вендета).
-Традицијата вели дека крвта се плаќа со крв, изјави Ренато Миртај за приватната телевизија „Њуз 24“. „Тие можат и мене да ме убијат, но зад мене стои големо семејство“, додаде тој.
-Од име на семејствата на четирите жртви од 21 јануари ние ветуваме дека извршителите нема да и избегаат на правдата, изјави социјалистичкиот пратеник Сајмир Тахири, пред да го напушти парламентот.
Лидерот на социјалистите Еди Рама ги уверуваше семејствата на „четворицата маченици, дека нивната смрт нема да биде заборавена“.
-Кога правосудството зборува, вие треба да замолчите, одговори претседателката на парламентот Јозефина Топали од владеачката Демократска партија.
Четворицата демонстранти беа убиени откако полицајци стрелаа врз нив за време на митингот од јануари 2011 година на опозициската Социјалистичка партија, која ја обвини владата на Сали Бериша дека ги преправила резултатите од изборите.
Пренди и Лупо признаа дека пукале во воздух, но негираа дека целеле во некого.
Бериша ги отфрли тврдењата дека и наредил на полицијата да употреби огнено оружје врз демонстрантите, и ја обвини опозицијата дека го организирала протестот во 2011 година во обид да ја преземе власта.
Фото: Дојче Веле