На албанската политичка сцена се враќа познатиот феномен – трансфер на пратеници од една во друга партија. Пратеникот, Љуан Дужа, од редовите на опозициската Републиканска партија, на Фатмир Медиу, премина во пратеничката група на партијата Движење за социјалистичка интеграција на актуелниот прв парламентарец, Илир Мета.
Како што јави дописникот на МИА од Тирана, Дужа е избран за пратеник во изборната единица Елбасан.
Со овој трансфер, од вкупно 140 владејачакото мнозинство сега има 84 пратенички места во албанскиот законодавен дом, обезбедувајќи си апсолутно мнозинстсво, кое е потребно за изгласување значајни закони.
Со заминувањето на Дужа, сега Републиканската партија остана со тројца, а опозицијата со 56 пратенички мандати.
Во експресната реакција, лидерот на Републиканците, Медиу, обвини за купување гласови во Парламентот, што е, како што рече, предзнак за манипулации кои ќе следуваат. Според него Дужа е избран со гласовите на Републиканците во коалиција со демократите, а не со левицата.