Полицијата од јужниот албански град Ѓирокастро за неполни 24 часа приведе 56 илегални емигранти, јави дописникот на МИА.
Во денешната акција се приведени 40 емигранти кои илегално од грчка територија влегле во Албанија, со цел да го продолжат патот кон некоја од западноевропските земји.
– Едната група е отркиена во близина на селото Глине, другата кај селото Пешкепи и третата на националниот пат. Приведени се 40 емигранти од Сирија, Мароко и Судан, а меѓу нив има и жени и деца, соопшти албанската полиција.
Во близина на граничниот премин Какавија кај Ѓирокастро, вчера беа приведнеи 16 илегални емигранти од Сирија, меѓу кои и три жени и две деца. Во моментот кога ги открила полицијата со нив немало придружник, што вообичаено е албански државанин.
Официјалните податоци говорат дека само во август и првите денови од септември албанската полиција открила околу 1.700 емигранти, за кои тврди дека во Албанија влегуваат од Грција преку организирани меѓународни канали за илегална трговија со луѓе.
Откриените имигранти се од Пакистан, Авганистан, Сирија, Мароко, Египет и Еритреја.