Албанската Влада во заминување вчера донесе одлука за увоз на 4 илјади тони отпад годишно, главно од Македонија и од Косово, но и од некои земји на Европската унија.
Станува збор за отпад од полиетилен за рециклирање, а за увоз на истиот Владата ја овласти фирмата „ЕВЕРЕСТ ИЕ“.
Во почетокот на август Владата во Тирана донесе одлука за увоз на 600 тони отпад од Грција и околу 2.000 тони отпад од Италија. Од Грција ќе се увезува отпад од полиетилен со цел негово рециклирање, додека од Италија отпад од гас, челик, цинк, олово, железо, пластика и друго. Во истовреме владата ги авторизира фирмите „Пластика-Албанија“ и „В.А.Л.Е. Ресајклинг“ за увоз на отпадот и негова рециклажа.
Одлуките на Владата во заминување остро се критикувани од победничката коалиција, предводена од социјалистите на Еди Рама, која по конситуирањето на нпвиот албански законодавен дом на девети септември треба да биде формирана. Според неа одлуките кои во овој период ги носи владата се тенденциозни.
Владата носи одлуки, иако шефот на државата Бујар Нишани на почетокот на април потпиша указ со кој 22 декември го одреди како датум за одржување на референдумот, на кој албанските граѓани треба да се произнесат дали во Албанија треба да се увезува отпад за рециклирање или не.