Албанија ќе побара отфрлање на обвинувањата за трговија со човечки органи за време на војната во Косово

Од:

По вчерашната неочекувана посета на Турција, албанскиот премиер Еди Рама денеска е во Стразбур.

Тој ќе се обрати пред парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, каде ќе побара да се преиспита резолуцијата 1782 од 2011 година или она што инаку се нарекува извештај на Дик Марти.

Албанија ќе побара отфрлање на обвинувањата за трговија со човечки органи за време на војната во Косово, кои се во извештајот на швајцарскиот сенатор.

Шефот на албанската влада ќе одржи 60-минутен говор пред членовите на Советот.

На 21 јули, Парламентот на Албанија едногласно, со 125 гласа „за“ ја изгласа резолуцијата што треба да ја претстави Рама.

Резолуцијата го повикува Парламентарното собрание на Советот на Европа да усвои последователен извештај, а потоа и измена на извештајот од 2011 година, каде што наводите за нелегална трговија со човечки органи во Албанија и Косово се прогласени за неосновани.

Извештајот подготвен од Дик Марти и одобрен од Парламентарното собрание на Советот на Европа, тврди дека водачите на Ослободителната војска на Косово биле вклучени во трговија со човечки органи за време на војната 1998-1999 година.

На 10 август, Постојаната мисија на Албанија во Советот на Европа упати усна нота до седиштето на Советот на Европа во Стразбур. Таму беше нагласено дека тврдењата од извештајот на Дик Марти и по 11 години истрага не се докажани и не се засновани на факти. Рама претходно во Брисел изјави дека поддршката на тој извештај е „страница на срамот“ за Советот на Европа и побара да им се извинат на Албанците за овој извештај.

Под обвинение за извршени злосторства во Хаг е дел од раководството на ОВК, меѓу кои и поранешниот косовски претседател Хашим Тачи.

Нив на 25 мај ги посети Рама а на 29 минатиот месец и поранешните претседатели на Албанија Реџеп Мејдани, Алфред Мојсиу и Бамир Топи, како и поранешниот премиер Пандели Мајко.

Заедничкото патување, со неговиот приватен авион, го иницираше поранешниот претседател на Косово и еден од најбогатите Албанци, Беџет Пацоли.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он

Рама побара поддршка од албанската дијаспора во САД за негов четврти мандат

А1он

Фон дер Лајен: Извештајот за напредокот на земјите ќе биде објавен следната недела, Албанија со одлични резултати

А1он

Рама: Тажен сум што братска Македонија не е денеска со нас, нанесена и е голема штета

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Хаос на протестите во Тирана: демонстрантите фрлаа молотови коктели, има повредени полицајци

Надал се согласи со Рама-отвора академија за тенис во Албанија

Предраг Петровиќ