Потпретседателот на албанската Влада и министер за економија, трговија и енергетика, Едмонд Хаџинасто и генералниот директор на компанијата Транс Адриатиц ТАП АГ, Кејтил Тунгланд ставија потпис на договорот во врска со проектот за гасовод Транс- Адриатик Пајплајн, јави дописникот на МИА од Тирана.
Договорот кој е потпишан во просториите на Министерството во Тирана, Хаџинасто го оцени многу значаен зашто „проектот ТАП ќе услови економски развој на земјата и ќе ја зголеми енергетската сигурност“.
– Овој договор ги опфаќа сите односи на соработка меѓу Компанијата и Албанија за изградба на гасоводот кој е од огромно значење за Албанија и регионот. Ова е еден многу солиден договор кога станува збор за добивките од овој гасовод и истиот ќе даде импулс за позитивни одлучувања за изборот на овој проект како најдобар. Сите нешта се сосема јасни и овој проект ќе биде победник. Тој ќе ја зголеми енергетската сигурност, ќе има огромно влијание врз економскиот развој на Албанија и на регионот. Овој проект ќе услови зголемување на вработеноста на Албанците, создавање пазар на гас и намалување на цената на енергијата, изјави Хаџинасто.
Претходно, Хаџинасто потпиша договор за соработка со германската енергетска компанија Е-ОН Рухргас, за снабдување на Албанија со природен гас.