Босна и тамошните војувања во 90-те на 20 век, беа своевидна школа во која се формираа многу подоцнежни лидери на Ал Каеда, изјави во интервју за радио Би-би-си Ајмен Дин, поранешен муџахедин и еден од основачите на Ал каеда, кој од 1998 година станал шпион за британските разузнавачки агенции.
Во специјалната радио емисија „Шпионот кој дојде од Ал каеда“ овој човек, со изменет идентитет, првпат зборува за трансформирањето на муџахедизмот во џихадизам, за глобалниот тероризам и за големата улога што тој ја има одиграно како разузнавач на британската МИ6, фрлен во редовите на Ал каеда и во откривањето на планираните операции за терористички напади,префрлајќи ги тајните планови на контраразузначката агенција МИ5.
Ајмен Дин тврди дека меѓу оние кои „израснаа и се формираа“ во текот на босанската војна, како подоцнежни џихадисти и терористи, е и Халид Шеик Мухамед, кого го означуваат како „архитектот“ на терористичките напади од 11 септември 2001 година во САД.
Тој војувал во Босна заедно со стотина млади луѓе дојдени од разни странски земји, но сите муслимани, за да помогнат во одбраната на босанските муслимани. Ајмен вели дека и тој дошол од Саудиска Арабија за да се бори,откако претходно поминал низ обука за војување.
Во интервјуто, Ајмен раскажува за еден разговор што го имал со Шеик Мухамед „некаде во Босна“ пред крајот на војувањата, во кој овој му ги изнел своите видувања околу тоа што треба да биде следниот чекор.
„Војната овде (во Босна) завршува, па сега, прашањето е дали ние (муслиманските доброволци-муџахедини) ќе треба да одиме на друга локација, за да одново да спасуваме муслимани, кога е јасно дека по босанската војна ќе дојде влада која ќе управува секуларно, не според шеријатското право, па така и наградата од нашето војување ќе ја земе некој друг, рекол Шеик Мухамед.
Според раскажувањето на Дин, шеикот се заложил за создавање „друг и поинаков фронт“ на кој ќе може да му „служи на исламот“ и да се возобнови духот на џихадот, во рамките на муслиманскиот свет.
– Мислам дека таа куса елаборација, беше првиот знак оти работите по Босна, ќе се движат кон џихадот, против американските интереси во муслиманскиот регион и режимите кои им служат на тие интереси, вели Дин, објаснувајќи дека определбата на Халид Шеик Мухамед била луѓето, кои како војници-платеници се бореа во босанската војна,во иднина да станат терористи.
Дин зборува дека таквото трансформирање го забележил и самиот тој,како исламски теолог,во босансите планини,меѓу борците дојдени од разни страни,кога тие се повеќе станувале анти-западно определени и антиглобално настроени, верувајќи дека светот во основа „прави заговор“ против муслиманите.
Нивното уверување дека Западот се бори против исламот, како религија водеше кон радикализацијата и претворање на муџахедините во џихадисти, вели во интервју за радио Би-би-си Ајмен Дин, припадник на Ал каеда кој стана успешен и многу корисен британски разузнавач.