Еден месец по осмата заедничка седница на владите на Албанија и на Косово, кога во Приштина албанскиот премиер Еди Рама, најави дека Тирана ќе започне кампања, која ќе ги вклучи Вашингтон, Париз, Берлин и други центри во светот, за да документира дека Ослободителната војска на Косово не била вклучена во трговија со органи, Социјалистичката партија на Албанија го презеде првиот чекор, јави АБЦ њуз.
-Овој политички субјект чиј лидер е Рама до Парламентот на Албанија достави Нацрт-Резолуција за неоснованоста на наводите за нелегална трговија со човечки органи на Косово и Албанија, со која Албанија ќе ги отфрли наводите за трговија со човечки органи, додава телевизијата.
Албанските владејачки социјалисти се убедени во поддршката од сите пратеници во законодавниот дом зашто оваа Предлог-резолуција е насочена кон “непоколебливата волја да и помогне на правдата и да го поддржи секој напор кој има за цел да се открие вистината”.
Во предлог-резолуцијата уште се наведува дека тврдењата на Дик Марти за трговија со органи остануваат неаргументирани, недокажани и неосновани, затоа, се нагласува “треба и да бидат разгледани од меѓународната заедница”.
-Собранието на Република Албанија констатира дека, по повеќе од десет години длабински истраги од страна на Специјалната истражна работна група на ЕУ и нејзиниот наследник, Канцеларијата на специјалниот обвинител, наводите изнесени во Извештајот на Дик Марти за убиства на луѓе заради вадење на нивните органи и илегална трговија во Албанија и на Косово вклучени во Резолуцијата 1782 (2011) остануваат неаргументирани, недокажани и незасновани на докази и факти и затоа треба како такви да се сметаат и од сите национални и меѓународни институции, стои во документот.
Албанскиот премиер Еди Рама, е голем пријател на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи. Тој на 10 мај беше во посета на Тачи, кој е во притвор во Хаг, осомничен од Специјалното обвинителство за воени злосторства.
Извор: МИА