Признајте, колкумина од семејството, колегите и пријателите денеска се обидоа или успеаа да ве излажат со некоја шега?
Верувале или не, оваа традиција во светот постои веќе неколку векови, раширена е еднакво на Исток како и на Запад, а последните децении најде свое место и во официјалните медиуми.
Во празниците кои според својот дух претходат на Први април се вбројува римскиот фестивал Хилариа на 25 март и средновековниот Празник на лудаците на 28 декември, кој се уште се одбележува во некои земји со шпанско говорно подрачје.
Дали поради тоа што на Први април не одбележуваме годишнина на ниту еден трагичен настан или затоа што едноставно сме склони да не го памтиме доброто, точни податоци за потеклото на Први април нема.
Легендата вели, а на легендите некогаш треба да веруваме, дека Французите во некои области во средниот век, Новата година ја славеле една недела: прославата почнувала на 25 март а завршувала на 1 април. Меѓутоа, во 1582 година се усвоил Грегоријанскиот календар, според кој Нова година се слави на 1 јануари. Очекувано за време без комуникации какво што го познавеме денес, оваа вест не стигнала на време до сите делови на Франција, па имало и такви кои Нова година и понатаму ја дочекувале на Први април.
Празникот настанал така што добро информираните ги исмевале другите.
Секако, оваа теорија има некои многу сериозни недостатоци, но бидејќи денеска е Ден на смеењето, а смеењето е лек за се, за грешките во теоријата можеби во некоја друга прилика.
Исто така, традицијата за Денот на шегата постои и на Исток. Имено, Иранците меѓусебно се шегуваат на 13 ден на Персиската Нова година, која паѓа на 1 или 2 април. Овој празник е воспоставен уште во 536 година п.н.е. се вика Сиздах Бедар и е најстара традиција на шегата од тие кои ги познаваме денес. Поради тоа се верува дека Први април има свои корени и во оваа традиција.
Интересни првоаприлски традиции во светот
Една од најпознатите шеги, распространети во Франција и на француските говорни подрачја во Швајцарија и Канада е Априлската риба. Идејата е следна: луѓето едни на други си лепат на грбот риба од хартија. Секако, тоа жртвата не го забележува. Овој обичај постои и во некои делови на Италија, како и во белгиската покраина Антверпен.
Веднаш во соседството, во фламанскиот дел на Белгија, традиција е децата на денешен ден да ги заклучуваат своите родители или наставници и да ги пуштаат само во замена на бонбони или колачи.
Додека во Кореја на власт била династијата Јосеон (јули 1392 – октомври 1897) на кралското семејство и на двораните им било дозволено да се лажат меѓусебно, без оглед на хиерархијата, и тоа на првиот снежен ден во годината. Тие со снег ги полнеле чиниите, а потоа ги истурале на жртвата, под лажни изговори. Жртвата како губитник во играта морала да ја исполни желбата на тој кој го истурил снегот. Меѓутоа се смета дека тука измамите не биле намерно планирани, туку биле безопасни и често биле вид на добродетелство кон дворјаните.
Во Полска Први април исто така е резервиран за вицеви, шеги и измами, кои освен населението ги практикуваат и медиумите, кои понекогаш и соработуваат, информациите да бидат со поголем кредибилитет. Посериозни активности обично се избегнуваат. Ова верување е толку силно што датумот на антитурскиот сојуз со Леополд во 1863 година кој бил потпишан на 1 април, бил променет на 31 март. Традицонална шега во Шведска на Денот на глупаците е да замолите некој да испорача запечатена порака, барајќи некаква помош. Меѓутоа, во ковертот се наоѓа порака: Не се смеј се туку лови глупаци уште еден километар.
Најдобри светски првоаприлски шеги
Веќе рековме дека и медиумите се почесто се вклучуваат во Првоаприлските шеги. Еве два најинтересни примери како не насамарија светските медиуми.
На Први април во 1957 година BBC news шоуто Панорама најави дека благодарение на многу благата зима, швајцарските фармери до крајот на годината ќе можат да имаат берба на шпагети од дрвја.
Истиот ден во 1992 година, американското Народно радио во емисијата Разговор со нацијата, објави дека поранешниот американски претседател Ричард Никсон повторно ќе се кандидира за шеф на таа држава. Наводно, овој слоган на неговата кампања требало да биде: Не сум направил ништо лошо, ниту ќе направам.