Финансиската несигурност и шефовите кои го отежнуваат заминувањето на одмор се некои од причините поради кои работниците во некои делови од светот не ги искористуваат деновите од платениот годишен одмор.
Според податоците од анкетата, која неодамно ја спроведе најголемата светска онлајн патничка агенција Expedia Travel 2012 Vacation Deprivation работниците од Азија и натаму имаат најмал број денови на годишен одмор. Најмалку на годишен одмор уживаат Јапонците, од 13 дена кои им стојат на располагање во просек користат само пет. Кај Јужнокорејците состојбата е малку подобро, тие на годишниот одмор во просек минуваат седум дена.
Американците исто така се меѓу оние кои не одат долго на годишен одмор, од можните 12 до 14 дена годишно користат само десет. Состојбата е полоша отколку минатата година, кога просечно на годишен одмор биле по 12 дена.
Канаѓани и Австралијците на годишен одмор во просек минуваат по 13 дена, со тоа што тоа се и сите денови со кои Канаѓаните располагаат за платениот годишен одмор, додека Австралијците во просек не користат пет дена.
Вообичаено, на годишен одмор најдолго уживаат Европејците, каде работниците на платен одмор можат да бидат до 30 дена.
Во Франција и Шпанија (но и во Бразил) работниците ги користат сите 30 дена, а во Германија 28 од 30 можни денови. Британците, Швеѓаните и Норвежаните на располагање имаат дури 25 дена и сите ги искористуваат. Зачудувачки е тоа што на италијанските работници им остануваат најмногу неискористени денови, не успеваат да ги искориста дури осум.
Зошто луѓето не го искористуваат целиот годишен одмор? Истражувањето покажало дека усогласувањето со семејството и пријателите е најголемата пречка, но и можноста дел од годишниот одмор се префрли во следната година. Паричната несигурност и шефовите кои го отежнуваат заминувањето на одмор исто така се меѓу причините поради кои работниците не ги искористуваат сите денови кои им се на располагање.