Светскиот ден на дијабетесот 14 Ноември – денеска во Скопје беше одбележан со бесплатни превентивни прегледи на пункт поставен на плоштадот Македонија.
Како што изјави директорката на Здравствен дом Скопје – др.Татјана Баевска Вучковиќ, акцијата е во рамки на програмата на Министерството за здравство за превентивни активности, а прегледот вклучува мерење на крвниот притисок, телесната тежина, шеќерот во крвта и медицински совет.
– Годинешното мото е „Здрава исхрана и дијабетесот“, бидејќи покрај генетската предиспозиција за дијабетесот влијание има физичката неактивност, исхраната, стресот и токму затоа акцентот денеска се дава на совети за здрава исхрана. Од март месец кога започнаа превентивни активности „Здравје за сите“, досега 1.373 граѓани пристапиле на пунктовите за прегледи. Денеска, до овој момент 250 граѓани дошле на бесплатен преглед, рече Баевска Вучковиќ.
Предстедателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, прим. д-р Аврам Ванковски, рече дека оваа болест 70-80 отсто може да се контролира од самиот заболен преку конзумирање здрава храна и физичка активност. Потенцира дека е особено важно редовното мерење на шеќерот во крвта и изрази задоволство што Министерството за здравство излегло во пресрет на нивното барање за зголемување на бројот на ленти за овие мерења. Досега добивале 50 ленти годишно, а од нова година, вели секој дијабетичар зависен од инсулин ќе добива по 30 ленти месечно, а за 20 отсто ќе се зголеми и бројот на пумпи за децата кои имаат дијабетес тип 1.
Како добриот појадок може да се користи за контрола на нивото на шеќер во крвта е тема на која се фокусира одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот за 2014 година на глобално ниво, чија цел е подигање на свесноста за оваа болест.
На глобално ниво во 2013 година се проценува дека 382 милиони луѓе имаат дијабетес од кои 90 проценти од случаите отпаѓаат на дијабетот Тип 2.
Во Македонија има над 185.000 лица со дијабетес тип 1 и тип 2, од нив, околу 43.000 лица примаат инсулин. На Детската клиника на годишно ниво се регистрираат околу 30 деца со дијабетес тип 1 (инсулин зависен). Оваа година, дијабетес мелитус тип 1 е дијагностициран кај 33 деца.
Светскиот ден на дијабетесот 14 Ноември – е воведен првпат во 1991 година од Меѓународната федерација за дијабетес и Светската здравствена организација, а денес официјално се одбележува и од Обединетите нации.