Компанијата „Волт Дизни“ на 20 мај ќе го отвори забавниот и трговски комплекс „Дизни Спрингс“ во рамките на дизниевото светско одморалиште на Флорида, јавија британските медиуми.
Компанијата „Волт Дизни“ и работничките синдикати од филијалата на Флорида постигнаа договор за правилата чија првична цел ќе биде заштита на вработените од заразата со коронавирусот, што ќе бидат во сила кога ќе се отвори комплексот, соопштија од синдикатот.
Раководството на компанијата наведува дека „Дизни Спрингс“ ќе биде отворена следната недела, а подоцна, во текот на месецот, ќе се отворат уште три продавници и објекти во сопственост на „Дизни“. Тематските паркови и хотели ќе останат привремено затворени некое време, но другите објекти постепено ќе се отвораат.
За да се спречи ширење на коронавирусот компанијата ќе воведе задолжително почитување на заштитните мерки, како и промени во начинот на водење на бизнисот. Плаќањата во објектите ќе се вршат со картички, на вработените ќе им се мери телесната температура и ќе имаат обврска да ги покријат устата и носот, ќе треба да се почитуваат мерките за социјално растојание, а ќе биде засилена и хигиената и дезинфекцијата.