Финалистите на регионалното издание на мегапопуларното музичко шоу „Икс Фактор“ утревечер ќе одржат концерт пред македонската публика во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Младите финалисти на ова шоу најавуваат сензационален концерт, чиј почеток е закажан во 21 часот, додека влезот за посетителите ќе биде отворен во 20 часот.
Големиот концерт ќе го отвори победникот на „Икс Фактор“ Даниел Кајмакоски и тоа, како што велат организаторите, ќе биде одлична прилика заедно да покажеме дека успешната кариера на нашиот победник ќе започне токму од Скопје и со безрезервната поддршка од македонската публика.
– На концертот во Скопје, голема чест е за мене што како домаќин ќе можам да ги угостам сите овие талентирани млади луѓе. Ние бевме и во Босна, во Бања Лука и атмосферата секаде беше одлична, но сигурен сум и убеден дека во Скопје во сабота ќе биде феноменално, изјави Даниел Кајмакоски.
Покрај Даниел Кајмакоски, изведувачите кои ќе ги видиме на големиот концерт во Скопје се артистите кои се пласираа меѓу 12те финалисти на „Икс Фактор Адриа“ Младен Лукиќ, Маид Хеќимовиќ, Илма Карахмет, Тамара Милановиќ, Алекса Перовиќ, Харис Ќато, Лукијан Ивановиќ, дуото „Х20“ сочинето од Фифи и Маринела, како и бендовите „Доктори“ и „4Ју“.
Освен што е планирано тие да настапат со своите изведби од емисиите во живо на „Х Фактор“, дел од нив ќе ги презентираат и своите нови песни и преработки.
– Настапуваме сите заедно што ни е особено драго и имаме пријатни изненадувања за сите наши фанови кои прв пат ќе имаат прилика да го видат и искусат концертното доживување кое го приредува „Икс Фактор“. Ги покануваме сите на ова музичко дружење во арената „Борис Трајковски“ и сигурни сме дека сите заедно одлично ќе се забавуваме, порачуваат финалистите пред утрешниот концерт.
За овој концерт во Скопје пристигна тим од 33 луѓе со вклучен стилист, тонец, продуценти од „МБК“ продукција, креативниот директор на „Икс Фактор“, како и бенд кој ќе ги придружува финалистите на сцената. На концертот ќе се испејат 45 песни, меѓу кои публиката ќе има задоволство за прв пат да чуе и неколку премиерни изведби на песни на финалистите. Концертот ќе трае најмалку 120 минути.
Бидејќи петок, 6 јуни, е неработен ден, влезниците денес ќе можете да се купат само во продажните салони на „ОНЕ“ во „Рамстор“, „ВЕРО Центар“, „Скопје Сити Мол“, како и во „Камарад“ (Рамстор) и „Розе“ (Веро 2). Влезниците се достапни преку продажната мрежа на МКтикетс, за Фан-пит се 700 денари, Партер се 350 денари и Трибини по 400 денари.