Традиционалната Дедомразовска трка ќе се одржи денеска во Скопје, на која повеќе стотици учесници во дедомразовски костуми ќе трчаат во центарот на главниот град.
Трката покрај натпреварувачки има и забавен карактер па во неа се добродојдени учесници од сите старосни групи.
Должината на патеката е два километри. Стартот и финишот на трката се на Плоштадот Македонија, а ќе се трча кон Порта Македонија, Парк Жена Борец, Холидеј Ин, мостот кај МНР, покрај Вардар кон Камениот мост и преку преку мостот до целта.
Учеството во трката чини 300 денари, а за првите 200 пријавени следува целосен дедомра-зовски костум, составен од палто, панталони, капа, ремен и брада.
За победниците се предвидени награди, а на најсреќните учесници преку лотарија ќе им се исполнат новогодишните желби без оглед на резултатот и освоеното место. Пред и по трката се предвидени музичка програма, загревање со фитнес инструктор и церемонија на прогласување на победниците.
Стартот на трката е закажан за 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети од 9 до 11 часот на денот на трката.
Трката ја организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв, со поддршка на Coca-Cola и градот Скопје.