На плоштадот „Старомјетске намјести“ во центарот на Прага, синоќа беа запалени светилките и светлечките украси на најголемата елка која годинава е поставена во Чешка. Дваесет и две метри високата природна елка почнуваше да свети постепено, речиси две минути, јави дописникот на МИА од чешката метропола.
Најпрво блеснаа белите капки и мразулци, потоа им се придружија црвените машни, ленти и светлечки анимации. Сето тоа го следеа неколку десетици илјади луѓе кои се шетаа околу поставените дрвени куќички каде се продаваат разни украси, подароци, традиционалните колбаси и варено вино.
За разлика од порано, годинава туристите и посетителите на Прага нема да можат да се загреат со топол рум и пунч. Заради метанолската афера во која од нелегален алкохол со метанол починаа 37 лица, во цела Чешка е забрането продавање на тврд алкохол на отворено.
Осветлувањето на елките во сите општини е „последниот“ сигнал дека започнува стартот на божиќните подготовки кои во Чешка ќе траат следните три недели.
Според аналитичарите, божиќната треска на Интернет веќе започна. Почетното темпо навестува дека Чесите во е-продавниците ќе потрошат неверојатни 650 милиони евра. Се предвидува дека 10 декември ќе биде ден кога највеќе ќе се купува.
– За време на тие три недели, подароци ќе купува секој втор, односно мнозинството од тие кои досега тоа не го направиле, предвидува Марел Лишка од Интернет порталот Малл.цз.
Тој додава дека во неделата по 17 декември, се очекува продажбата да опаѓа, а да се зголеми личното подигнување на подароците нарачани по интернет и хартиените чекови за подарок, купени набрзина.
Годинава се предвидува хит да бидат таблет компјутерите и електронските книги, чија цена во споредба со лани е намалена.
Божиќ во Чешка не може да се замисли без риба крап и компир салата со мајонез. Живите крапови се продаваат во импровизирани мали базени, кои подоцна кратко време пливаат и во кадите на домаќинките.
Во месец декември, на секој чекор се шири миризот на природните елки и борови кои ги красат чешките домови за време на празниците. Порано тие се украсувале со колачиња, разни печива и производи од дрво, додека сега се употребуваат модерни стаклени украси.
Делењето подароци за чешките деца започнува уште на 5 декември вечерта пред празникот „Свати Микулаш“ (Св.Никола), кога белиот дедо во друштво со ангел и ѓавол „добрите“ деца ги наградува со пакетче, а оние „немирните“ со јагленчиња.