Во спортската сала „Гемиџии“ во Велес, вчеравечер се одржа концерт на српската фолк-ѕвезда Светлана Цеца Ражнатовиќ, кој заврши со инцидент и бурни реакции меѓу публиката.
Според информации на А1он, за време на настапот Цеца во еден момент подигнала бугарско знаме, што и било дадено од бугарска државјанка во првиот ред која го извадила од нејзината торба. Тоа предизвика негодување и свирежи кај дел од присутните. Некои посетители ја напуштија салата во знак на револт, додека други останаа збунети од гестот на пејачката која во прво време не сфаќаше што се случува.
Настанот, кој беше најавен како музички спектакл, неочекувано доби политичка димензија и предизвика лавина реакции на интернет. Дел од јавноста го оцени потегот како провокација и непочитување кон македонската публика, додека други сметаат дека се работи за недоразбирање без политичка позадина.
По инцидентот што се случи на концертот во спортската сала „Гемиџии“ во Велес, кога пејачката Цеца Ражнатовиќ подигна бугарско знаме, таа наместо да остане во Македонија како што било планирано, веднаш заминала за Белград. Таа се огласи со изјава за „Бекстејџ“, објаснувајќи дека нејзиниот гест бил погрешно сфатен и дека немала намера да навреди никого.
„Не е ништо необично што секогаш со радост го прифаќам секое знаме од мојата публика, затоа што тоа е мојата публика, мојот народ, моите луѓе. Нас нè поврзува љубовта кон песната, без разлика од каде кој доаѓа. Жал ми е ако тој гест некого повредил, тоа навистина не ми била намерата, а особено не да ги навредам или повредам домаќините. Верувам дека тоа го знаете“, изјави пејачката.
Ражнатовиќ се заблагодари и на велешката публика за, како што рече, „прекрасната вечер, убавата енергија, љубовта и спомените што заедно ги создадовме“. Цеца на сите коцерти ги зема знамињата кои и ги даваат од публиката, а бугарското знаме често го има и на сите концерти во Србија, последно беше во Ниш за што пишуваа сите бугарски медиуми каде има голема публика.
