Сите преостанати предизведувачи на американската турнеја на Ед Ширан се повлекоа откако раперот Меклемор беше отстранет од списокот на изведувачи поради неговите пропалестински изјави на сцената.
Меѓу оние што се повлекоа е и Финеас, братот на пејачката Били Ајлиш, кој порача дека уметниците не треба да бидат замолчувани кога зборуваат во име на угнетените.
Од турнејата се повлекоа и ирскиот кантавтор Арон Роу, данскиот бенд „Лукас Греам“, како и ирскиот фолк-состав „Беога“, кој настапуваше со Ширан секоја вечер, објави Би-би-си.
Повлекувањата уследија само неколку часа откако Ширан изјави дека не сака да се меша во јавната дебата за војната во Газа. Тој нагласи дека не е одговорен за отстранувањето на Меклемор од турнејата.
„Одлуката Меклемор да ја напушти турнејата беше одлука на промоторот, а не моја“, напиша Ширан на Инстаграм.
Тој додаде дека не би ги разочарал обожавателите кои веќе го испланирале своето доаѓање, ниту би ја напуштил екипата на турнејата и другите музичари кои зависат од него за работа и заработка.
Меклемор, чие вистинско име е Бенџамин Хегарти, претходно овој месец повика на „слободна Палестина“ и за време на два концерта во Њу Џерси прикажа снимки од разурнувањето во Газа.
Неговите изјави предизвикаа критики од еврејски организации, по што, според извештаите, некои сопственици на концертни сали извршиле притисок врз промоторите да го отстранат од турнејата.
Ширан наведе дека цела недела разговарал со управите на салите и се обидувал да најде заедничко решение, но промоторот „Messina Touring Group“ на крајот одлучил да ја прекине соработката со раперот.
Ширан рече дека е „згрозен од конфликтот меѓу Израел и Палестина“ и дека страдањето и болката на двете страни се човечка трагедија.
„Имам лични ставови за овој разорен конфликт. Тоа што не зборувам јавно за нив не значи дека ги немам или дека не ми е грижа“, напиша тој.
Пејачот објасни дека не сака својата професионална платформа да ја користи за политички прашања.
„Мојата публика ја сочинуваат млади луѓе, често и деца, од сите општествени слоеви. Оние што доаѓаат на моите концерти не очекуваат политички форум“, порача Ширан.
Тој додаде дека го почитува Меклемор поради неговата подготвеност јавно да го брани она во што верува, но смета дека постојат различни начини да се застапува мирот.
„Одлучив својата слава и платформа да ги користам како безбедно место и засолниште, за да ја одржам дипломатијата и да оставам простор за разговор“, напиша Ширан.
Тој истакна дека на Меклемор, како и на сите негови предизведувачи, му било дозволено самиот да избере кои песни ќе ги изведува.
Бендот „Лукас Греам“ на Инстаграм напиша дека музичарите треба да имаат право да зборуваат за војната и за цивилните жртви.
„Треба да можеме да зборуваме за војната, за убивањето цивили, за децата кои заслужуваат да растат. Без оглед на тоа каде живеат и под кое знаме“, порача бендот.
Роу, кој настапуваше на австралискиот дел од турнејата, а во јуни продолжи со настапи во САД, рече дека одлуката да се повлече не ја донел лесно.
„Ед ми е пријател и ми го промени животот. Не можам доволно да му се заблагодарам за тоа“, изјави тој.
„Беога“, пак, порача дека настапувањето пред толкава публика секоја вечер е остварување на сон, но дека не сакаат да настапуваат во простори кои, според нив, ги замолчуваат оние што се залагаат за слободна Палестина.
Контроверзата започна на 4 септември, кога Меклемор настапи на концертот на Ширан на стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси.
Пред публиката тој изјави:
„Голем дел од причината поради која воопшто сакав да одам на оваа турнеја е што можам да излезам на вакви стадиони и да изговорам два збора кои ми значат многу: Слободна Палестина.“
Потоа ја изведе песната „Hind’s Hall“, посветена на пропалестинските демонстранти на Универзитетот Колумбија. За време на настапот на големиот екран биле прикажувани снимки од разурнувањето во Газа.
Дел од публиката го поддржа со овации, но на интернет веднаш се појавија критики. Израелско-американскиот совет покрена петиција за негово отстранување од турнејата, додека организацијата „StopAntisemitism“ го обвини дека на публиката ѝ наметнува пропаганда.
Следната вечер Меклемор повторно настапи и директно им се обрати на „еврејските браќа и сестри“ во публиката.
„Критиката на Израел, критиката на апартхејдот и спротивставувањето на геноцидот на ниту еден начин не се критика кон вас“, рече тој.
По неколкудневното медиумско внимание, Меклемор во понеделникот објави дека е исфрлен од турнејата.
Тој наведе дека во одлуката бил вмешан Роберт Крафт, милијардер и сопственик на стадионот „Жилет“ во Масачусетс. Крафт потврди дека донел одлука Меклемор да не настапува на стадионот.
Крафт рече дека неговиот стадион нема да „обезбедува платформа за говор на омраза“ и го обвини раперот за „долга историја на антисемитска реторика“.
„Се согласувам со Меклемор дека се изгубени премногу животи и дека има премногу страдање, но споделувањето само избрани информации и игнорирањето на постапките на Хамас не е искрено и само поттикнува дополнителни поделби и омраза“, рече Крафт.
Промоторот „Messina Touring Group“ изјави за „Rolling Stone“ дека управите на салите им соопштиле оти нема да дозволат настап на Меклемор, што би можело да доведе до откажување на целата турнеја и да влијае врз стотици илјади обожаватели.
Повеќе музичари кои се повлекоа од турнејата наведоа дека вмешаноста на Крафт влијаела врз нивната одлука.
„Парите не ви даваат право да ја поседувате дебатата“, порача „Лукас Греам“.
Меклемор во својата изјава рече дека сочувствува со тешката позиција во која се нашол Ширан, но го критикуваше англискиот пејач затоа што не зазел јавно став.
„Заземањето страна може да ве чини. Пари, договори со брендови, спонзорства, фестивали, приватни настапи, односи и пристап. Јас го изгубив сето тоа. Но, не постои неутрална позиција меѓу угнетувачите и угнетените“, напиша тој.
Меклемор додаде дека, иако успеал да одржи само два настапи, доколку неговите зборови придонеле повторно да се насочи вниманието кон Палестина, тогаш, како што напиша, тоа била „најуспешната турнеја“ на која некогаш настапувал.
