Најмалку 13 Палестинци загинаа денес во израелски воздушни напади врз Појасот Газа, кои се извршени втор ден по ред, соопштија палестинските здравствени власти.
Официјални лица изјавија дека од утрината, израелски воени авиони целеле кон градот Газа, Деир ал-Балах во централниот дел на Појасот Газа и областа Кан Јунис на југ, каде што предизвикале најголем број жртви во еден ден во последните недели, пренесува Ројтерс.
Во нападите во Деир ал-Балах загинаа најмалку четири лица, а во посебен напад беа ранети пет лица и запалени неколку шатори во Маваси, во близина на Кан Јунис, според палестинските здравствени служби и службите за итни случаи.
Брачен пар и нивниот деветгодишен син загинаа во напад врз куќа во Маваси, друг брачен пар и нивното дете загинаа во напад врз стан во Газа, додека уште две лица загинаа во напад врз шатор во близина на канцеларијата на египетската претставничка мисија во Газа, изјавија палестински лекари. Уште едно лице загина во близина на Џабалија, во северниот дел на Газа.
Израелската војска соопшти дека цел на нападот врз стан во Деир ал-Балах биле двајца команданти на елитните сили на Хамас, „Нухба“, и дека нападите во Газа и Џабалија исто така биле насочени кон „воени оперативци“ на Хамас.
Израелскиот министер за енергетика, Ели Коен, претходно денес изјави за израелското воено радио дека владата на земјата ќе ѝ даде шанса на палестинската милитантна група Хамас да се разоружа, но додаде дека е „многу скептичен“ во врска со тоа.
Коен додаде дека не е постигнат договор за запирање на нападите врз Газа и дека смета оти е неопходно Израел – кој веќе контролира 70 отсто од енклавата – да преземе целосна контрола врз неа доколку Хамас не се разоружа.
„Во договорот што го потпишавме со Соединетите Американски Држави, нашиот став е дека Хамас мора да биде расформиран. Тоа е првото нешто што мора да се случи“, рече Коен.
