Музичарот се обиде да остане неутрален откако про-палестинските изјави на Меклемор доведоа до негово исклучување од турнејата, но сега признава дека тој неутрален став е грешка.
„Иако нападот на Хамас на 7 октомври беше ужасен, она што се случува во Газа е катастрофално и непропорционално, тоа не може да се оправда“, изјави музичарот Ед Ширан синоќа во Филаделфија, на својот прв концерт откако раперот Меклемор беше отстранет од неговата турнеја поради про-палестински изјави.
Меклемор настапуваше како предгрупа на турнејата на Ширан, но по неговите про-палестински изјави, беше исклучен од натамошните настапи под притисок на сопствениците на стадионите каде што настапува британската поп-ѕвезда.
Ширан се обиде да остане неутрален во својата првична реакција, но вчера призна дека згреши.
„Морав да носам тешки одлуки, правам грешки и навистина, навистина ми е жал“, рече пејачот на почетокот на својот настап на стадионот „Линколн Фајненшел Филд“, по што публиката го поздрави со овации.
Авторот на хитовите „Shape of You“, „Perfect“ и „Thinking Out Loud“ беше обвинет дека не застана во одбрана на својот пријател Меклемор и, пред сè, дека му недостасува храброст да ја осуди ситуацијата во Појасот Газа.
Еден од најпопуларните пејачи на својата генерација потоа беше напуштен од другите уметници кои учествуваа на неговата турнеја, како знак на солидарност со Меклемор. Меѓу нив беа Арон Роу, Лукас Греам, „Беога“ и Финиас, братот на ѕвездата Били Ајлиш.
Ширан изјави дека се обидува да ја избегне улогата на „каков било политички коментатор“, но дека повеќе не може да ги крие своите чувства.
Тој додаде дека води разговори за обезбедување помош за „жртвите на овие ужасни времиња“, како и дека слуша и учи бидејќи „не знае доволно“.
