Полицијата и жителите на еден јапонски крајбрежен град биле изненадени од појавата на голема железна топка која водата ја исфрлила на брегот на локалната плажа. Надлежните признаа дека немаат поим за што се работи, единствено се сигурни дека нема да експлодира.
Топката со дијаметар од околу 1,5 метри, е тема за шпекулации откако се појави на плажата Еншу во градот Хамаматсу, објавија локалните медиуми.
Стравувањата дека може да се работи за залутана мина беа отфрлени откако експертите користеа рендгентска технологија за да ја испитаат внатрешноста на објектот и открија дека е шуплива.
Исто така, нема индикации дека се работи шпионажа од блиската Северна Кореја или од Кина.
A mysterious metal ball spotted on a beach in Hamamatsu City this week prompted local police to scramble the bomb squad. A careful examination revealed it is not a threat — but shed no light on what it actually is. pic.twitter.com/ytClWsP0bw
— NHK WORLD News (@NHKWORLD_News) February 21, 2023
Полицијата почна да ја испитува топката, која има портокалово-кафеава боја и се чини дека има црни дамки на некои делови, најверојатно предизвикани од ‘рѓа. Полицијата огради дел од плажата за да утврди за што се работи.
Локалните медиуми јавуваат дека надлежните се уште не знаат што е и од каде дошло.
Еден локален жител кој редовно џогира по плажата рече дека не е сигурен зошто топката одеднаш се најде во центарот на вниманието.
“Таа е овде еден месец. Се обидов да ја турнам, но таа не се мрдна”, рече тој.
Во еден момент, полицијата блокираше радиус од 200 метри околу топката додека експертите неуспешно се обидуваа да ја решат мистеријата.