Кучето на американскиот претседател Џо Бајден каснало агенти на тајната служба најмалку 10 пати во периодот од октомври минатата година до јануари оваа година, според податоците на Министерството за внатрешна безбедност. Еден инцидент дури барал повредениот службеник да оди во болница, пишува Independent.
Конзервативната група „Џудишал Воч“ денеска објави речиси 200 страници од записите на Тајната служба до кои дошла преку Законот за слобода на информации. Групата ја поднела барањето откако не добила „соодветен одговор“ кога побарала евиденција во декември минатата година за инцидентите со чистокрвниот германски овчар на Бајден.
Тие објаснија дека споменатото барање било поднесено откако добиле дојава за тоа како се однесува кучето на Бајден. Белата куќа денеска се обиде да го намали значењето на овие податоци. Елизабет Александар, директорка за комуникации на првата дама Џил Бајден, рече дека комплексот на Белата куќа е „уникатна и често стресна средина“ за домашни миленици.
Таа нагласи дека семејството Бајден „работи на тоа да ја подобри оваа ситуација за сите“. Ентони Гуглиелми, главниот портпарол на Тајната служба, рече дека неговата агенција советувала неколку неодамнешни претседатели „како најдобро да оперираат околу домашните миленици, и овие инциденти не се исклучок“.
Тајната служба ја гарантира безбедноста на претседателот и неговото семејство, а десетици нејзини офицери се распоредени околу објектот и неговата пространа територија. Бајден го доби кучето во декември 2021 година како подарок од неговиот брат Џејмс.
Претходното куче на Бајден, уште еден германски овчар по име Мејџор, беше испратено во Делавер по неколку негови инциденти со каснување во кои беа вклучени службеници на Тајната служба и персоналот на Белата куќа.