Компанијата „Гугл“ ја купи „Квест Вижуал“, компанија што пред четири години ја претстави апликацијата „Ворд Ленс“.
Ворд Ленс е софтвер за преведување на зборови што ја користи камерата на телефонот.
Апликацијата работи така што е доволно камерата од телефонот да се насочи кон одреден текст и истиот ќе биде преведен, без да биде потребно тој да се пишува.
Дополнителен плус е тоа што апликацијата текстовите ги преведува во реално време и во ист кадар. Меѓу другото, апликацијата се труди да го задржи и фонтот и големината на оригиналниот текст, така што се добива впечаток дека текстот е оригинално напишан на јазикот на корисникот.
Гугл планира оваа технологија да ја вклучи во новите верзии на Гугл Транслејт, така што ќе се зголеми и бројот на јазици кои се поддржуваат.
Апликацијата „Ворд Ленс“ моментално овозможува преведување меѓу седум светски јазици: англиски, руски, португалски, германски, италијански, француски и шпански.
Ворд Ленс моментално е бесплатна за иОС и Андроид уреди.