Модната изложба „Свадбени приказни“ синоќа во Музејот на Македонија го отвори есенското издание на Моден викенд Скопје.
Проектот „Свадбени приказни“ е во организација на Музеј на Македонија, Европски универзитет во Македонија и Британски совет во Македонија.
На отворањето се обратија директорката на Музејот на Македонија Мирјана Нинчевска, Кендал Робинс, програмски менаџер во Британски совет Лондон и професорката Гордана Вренцоска од Европскиот универзитет, која ја прогласи модната изложба за отворена.
Студентите од моден и графички дизајн, во соработка со студентите од дизајн на ентериер и кустосите од Музејот, на изложбата, која ќе трае до 8 ноември, ќе претстават дизајнерски раскажани приказни преку кои даваат свои, современи интерпретации на облеката, текстилот и накитот од локалните свадбени традиции. Во сценографијата се вметнати и експонати од изложбата „Црвен петел – црна кокошка“ на Музејот на Македонија.
На првиот ден од Моден викенд посетителите уживаа и во киното наречено „Lotus cozy cinema“ во кое беа прикажани кратки модни филмови од програмата „Dressing the Screen“ обезбедена од Британски совет во Македонија.
Ревијалниот дел на Моден викенд почнува вечерва со ревијата на Игор Марков во Музејот на Град Скопје.
Модниот викенд за сезоната есен/зима 2015/2016, под мотото „Мода и културно наследство“ ќе се одржува до 25 октомври во Скопје.