Шефот на јапонскиот производител на автомобили „Субару“, денеска им се извини на клиентите и на јавноста дека таа компанија со години спроведувала лоша контрола на квалитетот на возилата.
Месецов и „Нисан Мотор“ најави вонреден преглед на повеќе од еден милион возила произведени во Јапонија поради лошата фабричка контрола на квалитетот.
„Субару“ ќе поднесе извештај до владата в понеделник за проблемот, рече директорот на компанијата Јасуики Јошинага, и оцени дека ќе бара вонредна контрола веројатно на сите модели на „Субару“ од вкупно 255.000 возила.
– Навистина ни е жал и се извинуваме, изјави Јошинага и длабоко се поклони.
Јапонската влада им нареди на сите производители на автомобили да ја проверат контролата на квалитетот откако „Нисан” се извини поради тоа што со години им дозволувал на неовластени службеници да ја извршат конечна проверка на возилото пред испораката.