И годинава во Скопје по 6 пат се одржува „Викендот на гордоста Скопје 2018“ – СРАМОТА! – Вечер на раскажување квир-приказни. Настанот ќе започне во Кино Култура, петок, 01.06, од 21 часот.
„Неколкумина раскажувачи од јавната културна, политичка и општествена сфера раскажуваат кратки приказни за телесниот, родовиот и сексуалниот срам кој ја обележал нивната општествена ненормативност – оттаму, „квир“ како она што излегува од рамките на прифатливиот општествен код. Со овие јавно изговорени приказни, срамот се превртува и трансформира, исмејаниот станува исмејувачот – срамот се враќа назад кон оние кои занесени во својата арогантност и привилегија, претпоставуваат дека го имаат правото да бидат родова, сексуална и морална полиција, и да понижуваат. Со овие приказни, од срамот за нашите желби, задоволства, однесувања, движења и размислувања градиме наративи на отпор. Нашиот срам станува нашето задоволство и среќа. Наместо сведнатата глава и преплавувачкото црвенило, пркосиме. Наместо неподносливото гушење навнатре во себе, експлодираме од смеа“, пишува во поканата.
Овогодишни раскажувачи ќе бидат: Артан Садику, Никола Гелевски, Ивана Драгшиќ, Кирил Поп Христов – Кили, Маја Марковска и Лејла Каламујиќ. Модераторки се Румена Бужаровска и Ана Василева.
Викендот на гордоста Скопје 2018 се одржува во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет на РМ. Целта на серијата настани во рамки на Викендот на гордоста е да креираат простор за, и да промовираат, ненормативни форми на светоградење, односно релации, афекти, идентитетски позиции, телесни стилови и сензибилитети кои во рамки на хетеронормативното, националистичко и неолиберално капиталистичко опкружување се означени како настрани, изопачени, неуспешни, патолошки, чудни итн. Носечката идеја позади Викендот на гордоста 2018 е НАСТРАНО. ПОЛИТИЧКО. и ќе се оддржува од 7-10 јуни.
Скопскиот викенд на гордоста 2018 е реализиран со поддршка на Heinrich-Böll-Stiftung, Фондација Отворено општество – Македонија, Министерство за култура, Европската унија и Civica Mobilitas.