Син сафир кој се наоѓал на нараквица што ја носела руската царица Марија Фјодоровна, мајка на царот Николај II, е продаден на аукција во Женева за 4.420.780 евра, соопшти денес аукциската куќа „Сотби“.
Во соопштението се наведува дека постигнатата цена е значително повисока од онаа што се очекувала на аукцијата, пренесува NBC.
Царицата Марија Фјодоровна, мајка на царот Николај II, носела нараквица со сафир и дијаманти на бал во Зимскиот дворец во 1903 година – настан што се смета за последен голем спектакл на царска Русија и е овековечен на некои од најзначајните слики од дворот на Романови, наведуваат од „Сотби“.
Според описот на нараквицата, по Руската револуција, сафирот бил заведен во инвентарот, а подоцна вклучен во продажбата на царските богатства организирана од советската влада.
Сафирот на Романови, тежок 197,80 карати, најверојатно потекнува од Могулската Империја во Јужна Азија.
Во 19. век стигнал до руските царски јувелири и претставува еден од најзначајните сочувани скапоцени камења од рускиот двор.
Скапоцениот камен е вграден во нараквица украсена со дијаманти, а се очекуваше дека на аукцијата во Женева, одржана синоќа, ќе достигне цена меѓу 920.000 до 1.841.321 евра.
Купувачот, кој е приватен колекционер, останува неидентификуван.
