Музејот Лувр во Париз заблежа рекордна посетеност во текот на 2012 година со околу 10 милиони посетители, односно повеќе од еден милион во споредба со 2011 година, јави дописникот на МИА од Париз.
– Овој нов рекорд го зацврстува првото место на Лувр во светот, нагласи директорот на музејот Хенри Лојрет, кој од оваа функција заминува во април идната година.
Изминатава 2012 година беше исклучителна година за најпознатиот париски музеј кој годинава на 232 септември го инаугурира новиот департман за Исламските уметности, кој веќе беше посетен од 650.000 лица.
Лувр забележува и значително зголемување на посетителите од Кина, кои се во водечкото трио со Американците и Бразилците, веднаш зад нив се посетителите од Италија и Германија.
Покрај зголемената посетеност на постојаните постановки, времените изложби привлекоа околу 660.000 посетители, односно зголемување од 29 отсто во однос на 2011 година.
Изложбата околу „Света Ана“ на Леонардо де Винчи неодамна реставрирана во пролетта 2012 година прими околу 305.000 посетители.
„Последните години на Рафаел“ која е отворена до 14 јануари ја посетија 310.000 лица. Лувр од неодамна, поточно од 12 декември отвори своја нова постојана постановка во северниот француски град Ланс.