Љубителите на популарната турска серија „Величенствениот“ во Унгарија за утре најавија одржување протести, затоа што локалната телевизија Ер-Те-Ел Клуб реши да го прекине емитувањето на серијалот.
Поради ваквата одлука на телевизијата, група најверни љубители на серијата организираа акција за собирање потписи за продолжување на емитувањето на „Величенствениот“. За кусо време петицијата ја потпишале неколку десетици илјади Унгарци.
Поттикнати од ваквата поддршка, иницијаторите на петицијата за утре најавија одржување на протестен собир пред зградата на Ер-Те-Ел Клуб.
Реагирајќи на ваквата мобилноста на љубителите на „Величенствениот“, телевизијата соопшти дека серијата е само времено прекината, бидејќи во терминот во кој таа се емитувала во следните неколку недели ќе оди реално шоу.
Поради ваквата своја одлука телевизијата им се извини на љубителите на „Величенствениот“, која е една од најгледаните серии во Унгарија.