Српската актерка Риалда Кадриќ, која на публиката од просторите на поранешна Југославија ѝ е најпозната по улогата на Марија во филмскиот серијал „Луди години“ и неговото најпознато продолжение, „Жикина династија“, починала вчера во Атина на 57-годишна возраст, објавија нејзини пријатели на Фејсбук.
Кадриќ стана позната во суперпопуларниот филмски серијал, кој беше меѓу најгледаните кино-содржини на сите времиња во некогашна Југославија. Во првите делови од комедијата со десет продолженија, таа ја толкуваше улогата на Марија, девојка од семејство на интелектуалци, која се вљубува во Бобо, момче од работничко семејство, син на повратник од печалба во Германија.
Кадриќ, која е родена во 1963 година во Белград, била активна како актерка само 13 години, од 1977 до 1990 година, а во последните години живеела во Грција, пишуваат српските медиуми.