Во обид да ја зголеми гледаноста на преносот на доделувањето на „Оскарите“, американската Академија за филмски уметности и науки внесе неколку измени.
На состанокот на Одборот на гувернерите, на кој повторно е избран Џон Бејли за претседател, беше одлучено да се воведе и категоријата најпопуларен филм, како и преносот да се ограничи на три часа. Академијата исто така попушти пред притисокот на телевизијата Еј-би-си, која ги има правата за пренос во живо во САД – за што на Академијата ѝ плаќа околу 75 милиони долари годишно според договорот до 2028, а која беше загрижена за падот на гледаноста од година на година.
Одборот на гувернерите одлучи оние што се помалку секси, занаетчиски категории (како што се, на пример, монтажа и микс на звук), да се доделуваат во текот на рекламите и потоа да се монтираат во пренос во скратена верзија. Сè уште не е одлучено за кои точно категории станува збор. За критериумите за номинација во категоријата популарен филм, во Академијата допрва треба да се дискутира.