Српскиот портал за сатирични вести News.net, кој пишува измислени текстови, се пошегува со македонската полициска акција „Шпион“, во која беа уапсени повеќе лица за оддавање држана тајна.
„Македонската полиција разоткри голема шпионска афера во која уапси 20 луѓе осомничени за шпионажа и давање на тајниот рецепт за „тавче гравче“ на бугарските и грчките служби.
„Членовите на оваа група за шпионажа дошле до строго доверливи информации за готвење на совршеното тавче гравче, и соработувале со различни странски служби, а информациите ги добивале од македонските домаќинки со кои одржувале близок контакт, како и со шефовите на некои од најпознатите македонски кафеани“, изјави портпаролот на МВР.
Последиците од оваа голема шпионска афера допрва ќе се почувствуваат, но стручњаците тврдат дека постои опасност од тоа „Грците и Бугарите да го направат познатиот македонски специјалитет точно како што треба“.
„Тајниот рецепт за тавче-гравче веќе неколку века е грижливо чуван и го знаеле само неколку македонски домаќинки“, изјавил воен аналитичар.
„Сега Македонците веќе немаат стратешка предност во однос на соседните земји“, додал тој.“