НАСА објави неверојатна снимка од Марс: Сончевите зраци ги осветлија карпестите врвови

Од:

НАСА објави снимка од изгрејсонце на површината на Марс, направена од роверот „Кјуриосити“, на која се гледа како сончевата светлина ги осветлува карпестите врвови формирани пред повеќе милијарди години, додека возилото со големина на автомобил продолжува да го истражува Марс.

Роверот „Кјуриосити“ слета на Марс во 2012 година, во кратерот Гејл, во близина на екваторот на планетата, а од 2014 година се искачува по планината Шарп, висока околу пет километри, која се издигнува од дното на кратерот.

Снимката е направена со камерата „Масткам“, околу еден час по изгрејсонцето. Во далечината се гледаат карпи и карпести гребени кои ги обликувал ветерот.

„Светлите карпести врвови во далечината припаѓаат на слој од карпи кој по својот изглед значително се разликува од сите слоеви низ кои роверот досега поминал. Сметаме дека некогаш бил составен од седимент што го носел ветерот, можеби песок, а можеби дури и пепел кој во кратерот пристигнал поради вулканска активност во близина“, изјави научникот Ешвин Васавада од Лабораторијата за млазен погон на НАСА, задолжен за мисијата „Кјуриосити“.

Според него, откако седиментот се претворил во карпа, ветерот во текот на милиони години го обликувал нејзиниот површински слој во гребени познати како јарданзи.

Се смета дека овој слој настанал пред околу три милијарди години и се протега на околу 16 километри долж северозападниот дел на планината Шарп.

Васавада изјави дека слојот најверојатно не е дел од непрекинатиот низ слоеви од кои е составена планината Шарп, туку настанал нешто подоцна, над геолошки дисконтинуитет, односно период во кој претходните слоеви еродирале пред врз нив да се наталожат нови.

Роверот во текот на постепеното искачување на планината совладал висинска разлика од повеќе од еден километар, што е најголемата височина што досега ја достигнал некој ровер на Марс, соопшти НАСА.

Планината Шарп е составена од слоеви карпи кои ги чуваат трагите од различни периоди од геолошкото минато на Марс.

Со проучувањето на овие слоеви, научниците дознаа повеќе за езерата и потоците кои некогаш го покривале овој дел од планетата, во период кога Марс бил потопол и повлажен од денес.

НАСА се надева дека „Кјуриосити“ ќе стигне до слојот со јарданзи во 2027 или 2028 година, кога неговите инструменти детално ќе го проучат неговиот геолошки состав.

Роверот „Кјуриосити“ ја истражува геологијата и климата на Марс и се обидува да утврди дали на планетата некогаш постоеле услови погодни за живот на микроорганизми.

Тоа е еден од двата ровери на НАСА кои моментално го истражуваат Марс, додека роверот „Персевиренс“ се движи долж работ на кратерот Језеро на северната хемисфера.

Васавада ја опиша новата снимка како призор кој го потсетува на патување низ Долината на спомениците во американската сојузна држава Аризона, но истакна дека портокаловото небо и синкавите нијанси на изгрејсонцето јасно покажуваат дека станува збор за Марс.

Би можело да ве интересира

Македонски тим на олимпијадата по роботика во Јужна Кореја

На планета надвор од Сончевиот систем првпат забележан радио-сигнал: Што открија астрономите?

Ким Кардашијан откри зошто „бегала“ од љубовта пред врската со Луис Хамилтон: „Не бев подготвена“

Ѕвездите од „Пријатели“ одбиле да учествуваат во документарецот за Метју Пери

Научниците шокирани од откритието во длабочините на океанот: Човештвото не знаело дека постојат

Домашната помошничка на Chris Brown, која ја нападна куче, прифати отштета од 9,5 милиони долари

Предраг Петровиќ