Утре во 17:30 часот започнува централната прослава за Денот на независноста на Македонија. Музичарите кои ќе настапат на прославата, со свои пораки им го честитаа празникот на граѓаните на Република Македонија и ги повикаа заедно да го прослават Денот на независноста.
– Првпат групата Љубојна настапува на еден ваков голем празник, празник кој на сите ни значи, и со радост и со љубов си го носиме во срцето. Музиката одсекогаш била таа која што имала главен акцент во целиот културен мозаик на Македонија. Тоа е нешто кое што најмногу е поврзано со слободата на изразувањето, со човековата слобода – изјави денеска Вера Милошевска од групата Љубојна.
-Со драго срце ја прифатив поканата да бидам дел од овој музички хепенинг. И како би можеле поинаку да го прославиме денот на државноста, ако не со добра музика. Им го честитам денот на државноста на сите граѓани на Република Македонија – рече Бени Шакири од групата Нон-Стоп.
Иконата на македонскиот рок-енд-рол, Влатко Стефановски, кој после долго патување и настапи надвор од Македонија, вели дека е среќен што повторно ќе настапува на денот на независноста, и потсети дека тој исто така настапувал на прогласувањето на независноста во 1991 година.
-Би сакал да ве поздравам, да ви го честитам празникот 8 септември, и мене ми е драго што со еден ваков концерт, голем рок концерт, го одбележуваме празникот. Тоа зборува за едно ново чувство, за еден нов дух кој во моментов е присутен во Македонија – изјави Влатко Стефаноски.
На централната прослава ќе настапат повеќе музички изведувачи: Биг бенд на Здружението на џез музичарите на Македонија, Љубојна со специјалниот гостин Џамбо Агушев, Бени и Нон-стоп со специјален гостин Златко Ориѓански, Влатко Стефановски Трио, К’пурдат од Тетово, Шутка Рома Рап и хип хоп артистот Слаткар.